Се прикажуваат објави со етикета деца. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета деца. Прикажи ги сите објави

20 јануари 2011

Електронско учење за деца

Доколку сакате вашите деца продуктивно да го користат времето поминато на интернет, тогаш веб-сајтот „E-learning for kids“ е вистинското место за тоа. Сајтот нуди содржини кои ќе им помогнат на децата да совладаат одредени области, како на пример: математика, компјутерски вештини, здравје и сл.
Сајт со електронски курсеви за деца
Најголемиот дел од содржините се претставени во вид на интерактивни и анимирани игри кои се прилагодени за различни возрасти на деца. До самиот курс/игра е поставена возраста за која таа содржина е соодветна. Моментално се нудат курсеви од осум области. Па така, децата преку игра ќе можат да научат да бројат и да користат матемаички операции, да ги научат функциите на мозокот и работата на крвниот систем или пак да совладаат основни граматички правила по англиски јазик.

Помошта од родителите ќе биде потребна за објаснување на целите на курсот/играта, бидејќи содржините не се достапни на македонски јазик. Но, бидејќи игрите се едноставни и прилагодени за возраста, јазикот не секогаш ќе е пресуден.

Содржините на веб-сајтот се бесплатни и не е потребна регистрација за да се користат.

Дополнување: од авторот
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, холандски, француски,
шпански, португалски
Адреса: www.e-learningforkids.org

30 април 2010

Центар за правилен развој и едукација на децата

Медиа Арт Центар“ е веб-сајт на истоимената школа, која преку одлично замислена воншколска програма стреми кон едуцирање и развој на капацитетите на децата на возраст од 4 до 12 години.

Веб-сајтот е со интересен и едноставен дизајн и моментално на него можат да се најдат информативни содржини поврзани со програмата и работата на центарот. Работилниците кои се дел од програмата се од секаков вид и имаат за цел да му овозможат стекнување здрави и корисни навики на секое дете, кои ќе му помогнат во секојдневните школски активности и задачи. Креативно пишување и читање, компјутери, англиски јазик, македонски јазик, домашни задачи и развивање на т.н. животни вештини се само дел од активностите кои децата секојдневно ќе ги извршуваат и совладуваат со помош на стручно обучените лица. Исто така, меѓу активностите не е изоставено одржувањето редовна физичка активност на децата преку вежби за пилатес и аеробик. Центарот организира и подготовка за полагање државна матура по англиски и македонски јазик и книжевност, како и курсеви и индивидуални часови по деловен англиски јазик, ФЦЕ, ЦАЕ, ТОЕФЛ и ИЕЛТС.

На сајтот директно може да се аплицира за членство во центарот преку пополнување на формуларот во кој родителот треба да остави неколку основни податоци за себе и за своето дете.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен и едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.mediaart.mk

25 декември 2009

И за најмалите деца постои совршено катче на интернет

Иако многу родители нема да се сложат со тоа нивните деца да бидат залепени за компјутерскиот монитор уште на многу рана возраст, ние сепак ќе им го предложиме „кидиос“ како одлична дестинација за нив. Потоа тие самите ќе си одлучат дали ќе му дадат шанса на овој сајт и дали и колку ќе ја дозволат неговата употреба во домот.

Овој веб-сајт, како и повеќето слични на него, ги агрегира сите корисни, забавни, интересни, едукативни ресурси за деца на едно место. Содржините се претходно проверени, што го прави сајтот безбедна околина токму за најмалите. Кидиос е наменет за деца до шест годишна возраст, но него можат да го користат и деца на возраст до 10 години. Содржините опфаќаат интересни видеа во вид на цртани филмови, анимирани филмчиња, игри, боенки и цели веб-сајтови со слична намена. Децата ќе имаат можност да ги гледаат содржините кои ги обожаваат, на пример, цртаните и анимираните филмови со нивните омилени јунаци како пинк пантер, снупи, јунаците од мапет-шоу, штрумфовите и многу други.

Родителите треба да се регистрираат на сајтот за да ја овозможат неговата целосна функционалност, но ова е сосема бесплатно. Во текот на постапката тие ќе треба да ја дефинираат возраста на нивните деца, што ќе биде основа за понатамошните предлози соодветни на годините, но и на други карактеристики на детето.

Па сега, ако вашите деца секако гледаат детски програми на телевизија, нема причина зошто да не им го овозможите истото и преку интернет. Тие ќе бидат задоволни, вие ќе можете да си ги терате домашните обврски, а нивните активности сепак ќе бидат под ваша контрола.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански,
француски, германски, хебрејски
Адреса: www.kidyos.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

11 декември 2009

Креирајте видео прикажувајќи го вашиот талент за цртање

Скечфу“ е одлична веб-локација која би требало да им се допадне на повеќето кои сакаат да цртаат на компјутер и притоа имаат желба на останатите да им покажат како го направиле тоа. Сепак сајтот не би го препорачал за некој што подолго време се занимава со цртање, од причина што обезбедува само неколку основни опции, за разлика од програмите на кои тие се навикнати да работат како фотошоп, илустратор и така натаму.

Постапката за правење на видеото, кое на некој начин претставува туторијал, е едноставна и се што треба да направите е да се регистрирате на сајтот, бесплатно, и да започнете нов цртеж кој ќе го нацртате одбирајќи ги понудените опции за боја и текстура. Откако ќе решите дека вашиот цртеж е готов стиснете „Replay“ и одберете брзина на снимката која може да биде и 16 пати побрза од реалната и сервисот ќе ви го прикаже секој чекор кој вие сте го направиле работејќи на вашето мини ремек-дело.

Доколку сакате да го зачувате видеото тоа ќе биде додадено во големата архива на видео туторијали поставени од сите корисници регистрирани на сајтот. Интересно е тоа што доколку имате желба и доколку авторот на некое видео дозволил пристап, вие можете да го доработите и измените веќе постоечкиот цртеж и кога некој ќе сака да го гледа видеото тоа ќе ја дава целата постапка заедно со, од вас, додадената обработка. Секако за поголема контрола и поумешно користење на овој сервис пожелно би било да имате електронска табла за цртање, која ќе го симулира цртањето како да цртате со пенкало на хартија.


Дополнување: редовно од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: sketchfu.com

30 ноември 2009

Посвојте мало слатко животинче

Револуционерната кинеска играчка “Чипичан“ која се појави на пазарот пред десетина години претставуваше виртуелен домашен миленик за кој корисникот мора да се грижи како за вистинско живо суштество т.е. да го храни, да си игра со него, да се грижи за него кога ќе се разболи и така натаму.

Сајтот “Моши Монстерс“ претставува на некој начин онлајн “Чипичан“ наменет за лица од една годинка па се до сто и дваесет години. Се регистрирате на сајтот наведувајќи ги своите лични податоци и потоа избирате едно од шесте измислени животинки кои зборат на измислен детски јазик. Му одбирате име, ги облекувате и боите по ваш избор и вашиот онлајн миленик е спремен да ви биде верен сопатник. Секако морате да се грижите за неговата исхрана, среќа, здравје, хигиена за тоа да биде задоволно и доколку сте грижлив кон вашето пријателче вие добивате поени и истите можете да ги употребите да купите интересни додатоци за вашиот миленик. Родителите треба да знаат дека ова е образовен сајт за забава, создаден за денешната култура на децата кои учат да читаат и во исто време тие се едуцираат станувајќи безбедни интернет корисници.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.moshimonsters.com

04 ноември 2009

Едукативна програма за вашето дете

Рејлит“ претставува интересен сајт за онлајн едукација за деца на возраст од 3 до 8 години преку специјално дизајнирани видеа и игри. Тој се осврнува на нивно ментално и физичко развивање и претставува преплетувачки баланс на забава и учење, ангажирајќи го секое дете, преку интерактивно, забавно искуство, здраво да се развие.Пријателските ликови во игрите ќе претставуваат водич во секојдневните сесии, што овозможува родителите да можат слободно да се посветат на своите дневни обврски без потреба од надзор врз децата. Ликовите се специјално дизајнирани со посебни гласови и интерактивно комуницираат со децата знаејќи ги нивните потреби и желби и притоа им се обраќаат преку нивните имиња. Преку екстензивно употребување на аудио-визуелни презентации, видео анимации и илустрации во игрите, креаторите се обиделе да допрат до децата за создавање на основни навики, а содржините се секако одобрени од психолози, педагози, учители и од многу родители.

Дневните сесии траат еден час и претставуваат пакет од раскажување приказни, ритмови, прашања и едноставни едукативни игри. Покриваат тематики од полето на аналитичност, пишување и читање англиски јазик, броеви и основна математика, како и широк спектар на други општи науки. Исто така им помага на децата да развијат позитивно однесување и добри навики.

За употреба на дневните сесии потребно е родителот да се регистрира на сајтот и да го наведе своето дете со корисничко име и возрасна група согласно која ќе се определуваат дневните задачи. Преку профилот родителот може да ја следи состојбата на сесиите на неговото дете.

Дополнување: ретко
Брзина: средна
Функционалност: добра
Дизајн: детски
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.raylit.com

25 септември 2009

Најдоброто детско игралиште онлајн

Поасон руж“ или „црвена риба“ е еден од најинтересните сајтови наменети за децата кои можат да се сретнат на веб. Пристапот до елементите на сајтот е целосно овозможен преку слики, каде секоја сликичка открива нова содржина. Иако наменет за најмалите, на него ќе му се израдуваат и повозрасните, и тоа како родителите, така и наставниците.

Овој веб-сајт е посебно добар бидејќи на едноставен, сликовит и, за децата, разбирлив начин, ги претставува содржините, заради што тие се мотивирани самите да истражуваат и да ги откриваат загатките.Букви, бројки, годишни времиња, звуци, странски јазици, сложувалки, инструменти за свирење, оптички илузии, игри и уште многу други содржини се дел од овој веб-сајт. Тој е забавен и корисен, бидејќи се учи низ игра со што се овозможува напредување во разни вештини, вклучително и во компјутерските.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: преку слики
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски
Адреса: www.poissonrouge.com

09 март 2009

Забавна и безбедна онлајн околина за најмладите

Кидоз“ е официјален веб-сајт за софтверски производ наменет за децата, а за кој треба да знаат родителите. Се работи за прелистувач за деца кој сосема бесплатно може да се преземе и инсталира на секој оперативен систем. Тој нуди безбедна околина за децата и им овозможува да сурфаат по сајтови, да гледаат видеа и да играат игри.

Прелистувачот е безбеден бидејќи им овозможува на децата да гледаат само дозволена содржина, додека сите обиди за пристап до други содржини автоматски се блокираат. Софтверот е достапен на 4 јазици, но тоа не претставува никакво ограничување за децата било каде во светот, бидејќи интерфејсот е претежно графички, па детето не мора да знае да чита или пишува на ниеден јазик за да се служи со него.

Секако, прелистувачот е заштитен со лозинка која ја поставува родителот. Ваквиот начин им овозможува на родителите пристап до посебен администраторски дел преку кој тие можат да одлучат некои линкови да блокираат или пак да додаваат нови, со цел сите содржини комплетно да бидат прилагодени на потребите, возраста и темпераментот на детето. Оние содржини кои родителите ќе ги додадат за да им овозможат пристап на своите деца, можат да бидат поставени јавно, кои после модерирањето од страна на тимот на „кидоз“, ќе станат достапни и за останатите деца.

Дополнување: редовно (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/АТОМ: има (блог)
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: kidoz.net